Денес се одбележува светскиот ден на фармацевтите!

Фармацевтите се здравствени професионалци кои може да ја имаат значајната улога во обезбедување на ефикасна грижа за пациентите. Тие имаат знаења и вештини кои овозможуваат менаџмент на терапијата со лекови, давање на совети за здравјето и превенција од болести, како и примарна здравствена заштита. 
Во целиот свет денеска, на 25-ти септември  се одбележува СВЕТСКИОТ ДЕН НА ФАРМАЦЕВТИТЕ.  Овој ден, сега во својата петта година, е основан од страна на Интернационалната Фармацевтска Федерација – ИФФ (International Pharmaceutical Federation). Тоа е Светска федерација која е претставена од  три милиони фармацевти и фармацевтски научници, со цел да го потсети општеството за непроценливата улога на фармацевтите и фармацевтските научници како интегрален дел од здравствениот тим.

На Конгресот на ИФФ кој се одржал во Истанбул, Турција, Турската фармацевтска асоцијација предложила 25-ти септември да биде Светски ден, бидејќи на овој ден во 1912 година,   е основана ИФФ.

Целта на Светскиот Ден на фармацевтите е организирање на активности за промовирање и залагање за улогата на фармацевтот во подобрување на здравјето на луѓето ширум светот. 
Интернационалната Фармацевтска Федерација секоја година одбира приоритетна област како тема за Светскиот ден на фармацевтите. Мотото за 2015 година гласи „Фармацевтите, Вашите партнери во здравјето“. Оваа тема е избрана со цел да се укаже на довербата и блиската соработка која фармацевтите ја имаат со пациентите и другите здравствени професионалци. Истата опфаќа самогрижа, но подеднакво се однесува на сите елементи на системот на организација, пациенти, активности, информации и средства, индустрија, истражување и болница. 
Одбележувањето на Светски ден на фармацевтите е започнато од 2010 година и истиот ќесе искористи од страна на членовите на Интернационалната Фармацевтска Федерација од целиот свет за да се потенцира влијанието и вредноста на фармацијата како професија, како и улогата на фармацевтот во подобрување на здравјето.