Стручно предавање за примена на компресивна терапија при лекување на хронични рани

Во организација на австриската компанија Lohmann & Rauscher на 10 ноември, 2016 г., со поддршка на ФИЛА-ФАРМ во Аудиториумот на новата болница Филип Втори, беше одржано стручно предавање на тема Примена на компресивна терапија при лекување на хронични рани.

Пред поканетите доктори, медицински сестри и  фармацевти од болницата како и надвор од неа, беа преставени предностите на компресивната терапија. На средбата предавање имаше прим.асс. Тања Планишек Ручигај, шеф на Дерматовенеролошката клиника при Универзитетот во Љубљана, дерматолог, флеболог и лимфолог, која  говореше пред присутните на оваа тема.

Во текот на презентацијата, најнапред се задржа на неопходноста од диференцијална дијагноза на хроничните рани, како и различните заболувања при кои настануваат рани кои тешко зарастуваат и кај кои се применуваат современи облоги за рани. Потоа го прикажа систематскиот начин на примена на облоги, согласно видот на раната. Додека пак, посебен акцент беше ставен на примена на компресивната терапија (индикации и контраиндикации, различните облици, како и видот и својствата на материјалите кои се применуваат). Таа се осврна и на дополнителните постапки со кои може да се исчистат хроничните рани и да се забрза процесот на зарастување. По отворената дискусија следуваше и интерактивна сесија со прикажување на практични примери за тоа како се применува компресивна терапија и ставање на облоги на хронични рани.                

Соработката на презентерите заедно со Фила Фарм и Lohmann & Rauscher ќе продолжи и понатаму со цел унапредување на примената на современи терапии и методи преку размена на искуства.